Се очекува авионот да пристигне на скопскиот аеродром околу 20 часот
Група македонски државјани кои беа евакуирани од Израел и преку Египет се враќаат во земјава, а нивното пристигнување на Меѓународниот аеродром Скопје се очекува вечерва околу 20 часот.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека на аеродромот патниците ќе ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
Стотици македонски граѓани побарале помош од дипломатските мисии
Во меѓувреме, македонски државјани од повеќе подрачја погодени од воениот конфликт побарале асистенција од дипломатско-конзуларните претставништва.
До денес, 505 македонски граѓани се обратиле до Амбасадата во Абу Даби. Во Кувајт помош побарале 31 лице. Во Бахреин се пријавиле 14 лица. Во Доха се регистрирани 141 македонски државјанин.
Од Министерството претходно информираа дека во следните денови се очекува да започне враќањето и на македонските граѓани кои се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати, како и на оние во Катар, Бахреин и Кувајт.
Планирани организирани летови преку Саудиска Арабија
Според информациите од ресорното Министерство, за овие граѓани е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија.
„Во следните денови се очекува да започне реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт, за кои е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија. Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции“, информира претходно Министерството.
Од таму апелираат до сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од асистенција, тоа да го направат во најкраток можен рок.
Граѓаните можат да се обратат преку дежурните телефонски броеви на дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
