ЕВЕ ЈА НАЈНОВАТА ИЗМАМА ВО МАКЕДОНИЈА

Пет лица од различни делови на земјата пријавиле дека биле измамени од група од осум лица која со помош на наводни сателитски снимки ги убедувала дека во нивните дворови има закопано злато. Во најновата измама во Македонија, жртвите биле наведени да платат по 6.000 евра аванс за да започне откопување на наводното богатство.

Еден од измамените е Јаким Спасовски од Кратово. Нему, членовите на групата му покажале снимки на кои, како што тврделе, јасно се гледа дека во неговиот двор е закопано „златото на Константин и Елена“, составено од 13 ќупа и три сандаци полни со злато.

Во текот на еден месец, измамниците го убедувале дека нивната работа е сериозна и легална, дека меѓу нив има полицаец од Скопје и дека државата, ако се пронајде златото, ќе го земе својот дел, а нему ќе му останат 10 отсто. Му било кажано дека групата досега вложила повеќе од 120 илјади евра во опрема за истражување.

Како услов за почеток на копањето, од него било побарано да плати 6.000 евра за дванаесет снимки наводно направени од американски сателит.
„На крај се согласив“, изјавил Спасовски, уверувајќи дека верувал во приказната што му била претставена.