ВМРО-ДПМНЕ со историска победа: Поголем број советници и градоначалници во прв круг
ВМРО-ДПМНЕ освои вкупно 550 советнички места, што е за 82 повеќе од претходните локални избори, додека СДСМ освои 230 советници, што претставува пад од 166 во споредба со 2021 година. Од партијата информираат дека историската победа во 33 општини во првиот круг е резултат на чесна работа, реализирани проекти и посветеност на Владата и градоначалниците во изминатите години.
Триумф и во традиционалните бастиони на СДСМ
На овие избори, ВМРО-ДПМНЕ постигна 50% подобар резултат од 2021 година, кога имаше 22 градоначалници во прв круг, а сега 33. Победата во Струмица, некогашниот бастион на СДСМ, беше истакната како симбол на промена на локалните политики. Победи беа забележани и во Делчево, Берово и Старо Нагоричане.
Зголемена поддршка и водство во повеќе општини
ВМРО-ДПМНЕ доби околу 325.000 гласови за градоначалници и 302.000 гласови за советнички листи, што е значителен раст во однос на 2021 година. Покрај 33 освоени општини, партијата води и во уште 20 општини, меѓу кои се Валандово, Неготино, Кичево, Карпош, Аеродром и Град Скопје, каде кандидатот Орце Ѓорѓиевски води со убедлива предност од 3:1.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека довербата од граѓаните е голема чест, но и обврска да продолжат со посветена, чесна и принципиелна работа за развој и напредок на Македонија.