Астронаутите од мисијата „Артемис II“ се соочуваат со необични услови во вселената – делат еден тоалет, спијат во бестежинска состојба и се справуваат со технички проблеми, но велат дека мисијата засега тече успешно.
Веднаш по влегувањето во орбитата, екипажот пријавил дефект на тоалетот, откако се појавило трепкачко светло што укажувало на проблем со контролорот. Поправката траела со часови.
„Најважниот дел од опремата досега? Отпушувач на ВЦ школка“, се пошегува астронаутката Кристина Кох.
Таканаречениот „лунарен тоалет“ откажал веднаш по пристигнувањето во орбитата, по што контролата на мисијата ја водела Кох низ чекори за негово повторно ставање во функција. Ова е првпат ваков систем да се користи во длабока вселена, бидејќи во мисиите „Аполо“ астронаутите користеле кеси за отпад.
Во леталото „Орион“ има само еден тоалет, сместен до влезниот отвор, кој работи со вакуум и проток на воздух за отстранување на отпадот.
„Многу внимателно. Прво и најважно, погрижете се да се вклопите во добра конфигурација“, објасни менаџерката Бранел Родригез.
Поради микрогравитацијата, астронаутите користат јажиња и држачи за да останат стабилни, а бучавата од системите е толку силна што мора да носат заштита за слух.
Иако условите изгледаат необично, спиењето во вселената е поудобно отколку што се очекува.
„Комично е, но поудобно отколку што мислите“, рече командантот Рид Вајсман, додавајќи дека дел од екипажот, како Кох, спие „висејќи како лилјак“, додека останатите слободно лебдат во кабината.
