Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје информираше за изменет режим на сообраќање и работно време на услугите во периодот околу празниците.
Режим на сообраќање за празниците
Во среда, 31 декември 2025 година, јавниот превоз ќе сообраќа по редовен зимен возен ред. Во четврток, 1 јануари 2026 година, автобусите ќе сообраќаат по неделен возен ред, при што првите вклучувања на возилата на ЈСП и приватните превозници ќе бидат подоцна од вообичаеното, а понатамошниот сообраќај ќе се одвива согласно неделниот распоред. Од петок, 2 јануари 2026 година, ќе важи редуциран делничен зимен возен ред, кој ќе се применува до крајот на зимскиот училиштен распуст.
Работно време на билетарници и центри за персонализација
Во среда, 31 декември, шесте центри за персонализација и билетарниците на Зелено пазарче, Бутел пазар и во Ѓорче Петров ќе работат до 16 часот, додека останатите билетарници ќе работат само прва смена, до 14 часот. Во четврток, 1 јануари, дежурни ќе бидат билетарниците во Транспортниот центар и на Жичница, со работно време од 11 до 17 часот. Од петок, 2 јануари, сите билетарници продолжуваат со редовното работно време.
Работно време на Жичницата
Жичницата на Водно на 31 декември 2025 година ќе работи од 10 до 15 часот, додека на 1 јануари 2026 година ќе биде во функција од 11 до 17 часот. Последното возење во двата правци е предвидено во 16:30 часот.
