Според едната приказна, која и тој самиот ја раскажува на својот Фејсбук профил, надимакот го добил во спортската сала „Партизан“ како што вели – бидејќи бил „бестрашен гимнастичар“

– Далечната 1967 година од центар се доселивме во новата населба Карпош 3. Во исто време се доселија во Карпош и многу Македонци – Егејци кои дојдоа од Русија и со себе ја донесоа сета дисциплина, музика и спорт. Повеке од половината беа инжењери и доктори и се разбира, скоро секое дете свиреше на некој музички инструмент и тренираше некој спорт, но се сеќавам дека имаше најмноги пијанина од марката „Петроф“ кои тие ги донесоа со своето доселување во Скопје. Татко ми, за да не бидеме покуси, се задолжи со кредит и купи пијанино за да учи сестра ми да свири. Љубовта за музиката кај мене можеби почнала во тие моменти. Who knows?!

Половината од децата неразговетно говореа македонски, со значаен руски акцент, а ние ги учевме како правилно да зборуваат. Тие за возврат не учеа на разни други вештини кои ги донесоа од СССР. По извесно време се разви желбата за натпревар, па така многумина од нас се запишаа во Спортскиот центар Партизан 4 каде трениравме гимнастика. Се сеќавам дека од 300-400 деца се бираа 6 за екипа и од нашето маало, Карпош 3 – први блок бевме избрани четворица: Вицка, Џагра, Јура и јас. Тројцата беа дојдени од Русија, а јас единствен тукашен Егеец. На државните првенства од 1- 6 место секогаш бевме ние пласирани. Ретко некогаш се мешаше Жути од Ѓорче. Дипломата која ја презентирам е за освоено трето место за вишебој во Дојран. Наскоро ке ги најдам и останатите и нив ќе ги прикачам.

Целиот овој увод е наменет за да ви кажам дека тука во Партизан го добив надимакот Перо Камиказа како бестрашен гимнастичар, а кумот беше нашиот тогашен тренер Јове Јованов, професор по психомоторика на ДИФ. Сите останати приказни се само дополнување на се она што станав понатаму во животот – напиша Перо Камиказа на својот Фејсбук профил.

Другата легенда која кружи низ скопските улици пак, вели дека се’ започнало на еден од концертите кои неговата група „Меморија“ ги организирала при почетокот на 90-те години. Имено, на еден од овие концерти, Петар Георгиевски, по примерот на многу познати музичари, се обидел да се фрли во публиката, но за жал никој не го пречекал неговиот пад, па оттаму го добил и надимакот.