„Децата“ на Венко Филипче се децата на предавникот Зоран Заев, талогот од СДСМ испливува на површина, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.

– „Деца“ осудени за насилство и трговија со дрога е иднината која ја нуди Филипче на граѓаните. Венко Филипче смета дека со насилници и лица корисници на наркотични средства и опојни дроги треба да се гради иднина. Христијан Ефтимов, внук на Заеви, и Илија Стојанов, негов другар, се лица кои се условно осудени на година и пол условна казна затвор, затоа што тепале странски државјани во Струмица, мислејќи дека можат што сакаат да прават затоа што се деца на Заеви. Истите овие „деца“ Филипче ги претставува како жртви. Талогот на СДСМ не може и не смее да биде иднината која сите ние ја заслужуваме – рече Манасиевски на прес-конференција во партиското седиште.

По оваа прес-конференција се обрати посочениот Христијан Ефтимов од подмладокот на СДММ и побара итна истрага и одговорност за тоа како доверливи полициски документи од Полициската станица Струмица завршиле во рацете на функционери на ВМРО-ДПМНЕ и се јавно објавени.

Потоа стигна рееакција од ВМРО-ДПМНЕ во која партијата посочи дека „детето“, како што вели Филипче, денеска со изјавата призна дека во случајот во Ново Село учествувале осуденици и насилници.

„СДСМ и оние кои моментално ја претставуваат партијата и во случајот со Ново Село покажуваат тотална дезориентираност, едноставно не знаат каде тераат. Денеска нивниот претставник од Ново Село, кој Венко Филипче го нарекува дете, јавно призна дека е насилник и осуденик. Тој практично потврди дека кажувањата на ВМРО-ДПМНЕ се точни, односно дека станува збор за правосилно осудени лица на условна казна затвор за насилство и за кривично дело поседување дрога и наркотични средства. Децата, како што вели Филипче, се практично роднини на лицето кое него го направи претседател на СДСМ, Зоран Заев, роднини кои учествувале во незаконски дејствија. Ова е уште една потврда за талогот на Македонија. Ова е срамот на Македонија“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.