ЕВЕ КОЈ Е БУЈАР ОСМАНИ
ВРЕДИ денеска објасни кој е Бујар Османи, човек кој зад себе оставил низа неисполнети ветувања кон жителите на Чаир, а како најилустративен пример го посочи проектот за реконструкција на гинеколошката болница „Мајка Тереза“, кој завршил со предметот „Пациент“ – случај за злоупотреби во вредност од над 21,6 милиони денари.
Портпаролот на локалниот штаб на ВРЕДИ во Чаир, Сабри Азири, на прес-конференција пред болницата рече дека иронијата е во тоа што, наместо модерна здравствена установа, граѓаните добиле уште еден симбол на корупција.
„Меѓутоа, на таа прес-конференција испуштивме еден проект кој е заштитен знак на неговата кариера како министер за здравство, а е директно поврзан со Чаир. Тоа е фамозниот проект за реконструкција на гинеколошката болница ‘Мајка Тереза’, во Чаир, чиј епилог заврши со коруптивен скандал познат како ‘Пациент’, за злоупотреби во вредност од над 21,6 милиони денари или околу 350 илјади евра. Иронијата е што наместо Чаирчани да добијат современа гинеколошка болница и подобра здравствена услуга, тие добија уште еден симбол на корупција. Наместо објект што ќе им служи на мајките и децата, Чаир остана со недовршен проект и со дамка која до денес го следи“, изјави Азири.
Од ВРЕДИ потсетија дека Османи на државни функции поминал повеќе од десет години, но без резултати за локалната заедница.
„На минатата прес конференција објавивме дека Бујар Османи, на државни функции, поминал вкупно 3.672 дена или 10 години и 22 дена. Во тој долг период, учинокот на Бујар Османи за жителите на Чаир изгледа вака:
– Нула денови за Чаирчани, но два дена со Сергеј Лавров во Скопје;
– Нула денови за Чаирчани, но цела недела со Никола Груевски во Будимпешта;
– Нула вработувања за Чаирчани, но затоа сопруга вработена во АЕК, сестра во М-НАВ и развиен бизнис за неговиот брат“, стои во соопштението на партијата.
Азири додаде дека граѓаните нема да заборават кој работел за нив, а кој, како што рече, „се појавува само пред избори“.
„Само од овој предмет логично се наметнува дилемата – дали Бујар Османи прави било што во својата политичка кариера ако нема личен ќар за себе или за неговите најблиски? Со кој образ денес им ветува проекти на жителите на Чаир, кога тогаш, кога имаше цела деценија во централната власт, не мрдна со прст за своите сограѓани? Жителите на Чаир не забораваат. На 19 октомври Бујар Османи ќе биде пациентот на гласачите на Чаир, кои масовно ќе му ја отворат излезната врата од политиката“, изјави Азири.