Врховниот суд го објави образложението за одлуката со која ги укина пресудите против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, и го врати предметот на повторно постапување пред Основниот кривичен суд Скопје.

Како клучна причина, Врховниот суд го наведува тоа што пониските судови не го утврдиле со потребната сигурност видот и правниот статус на објектот за кој Јакимовски беше осуден за бесправно градење.

„Во конкретниот случај не е точно утврден видот на деловниот објект, па врз основа на тоа да се даде одговор дали за поставениот монтажен објект било потребно одобрение за градба“, се наведува во одлуката на Врховниот суд.

Судот оценил дека требало јасно да се утврдат типот и правниот статус на објектот, имајќи ги предвид неговите градежно-технички карактеристики, материјалите од кои бил изграден и неговата намена. Бидејќи тоа не било направено со потребната сигурност, Врховниот суд утврдил повреда на Кривичниот законик.

Укинувањето на пресудите не значи дека Јакимовски е ослободен од обвинението. Предметот е вратен во Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, а одлуката е донесена на 9 септември по неговото барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда.

Укинати се пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 23 април 2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 15 мај 2026 година.

Од Кривичниот суд соопштија дека ќе ја известат затворската установа оти Јакимовски се ослободува од понатамошно извршување на претходно изречената санкција. Тој во моментов е на прекин на издржувањето на казната поради здравствени причини, па по укинувањето на пресудите нема да треба да се врати во затвор за продолжување на таа казна.

Јакимовски првостепено беше осуден на единствена казна од три години и шест месеци затвор за бесправно градење и злоупотреба на службената положба и овластување. Апелациониот суд потоа ја потврди едногодишната казна за бесправно градење, додека делот за злоупотреба на службената положба го врати на повторно судење.