Најновото истражување на јавното мислење на граѓаните на ЕУ покажува широка поддршка за начинот на кој Унијата се справува со Русија и војната во Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.
Според анкетата, 80 отсто од граѓаните на ЕУ ги одобруваат економските санкции против Русија, додека последните истражувања во Русија покажуваат дека поради санкциите поддршката за власта на Путин е зголемена. Над 80 отсто руски граѓани сметаат дека треба да го поддржат Путин поради санкциите, иако не се согласуваат со неговата политика.
Што се однесува до Евробарометарот, 79 отсто од граѓаните поддржуваат санкции против руските олигарси и елити, додека 67 отсто поддржуваат набавка на оружје и достава на истото во Украина од страна на ЕУ. Војната во ЕУ резултира и со поддршка од 75 отсто за поголема воена соработка внатре во ЕУ.
Запрашани за енергетските санкции и зависноста од Русија, 84 отсто граѓани сметаат дека треба да се инвестира во обновливи извори на енергија за да се намали зависноста од рускиот гас, додека пак 90 отсто од нив рекле дека треба да се преземат мерки за да се ублажи ценовниот шок во енергетиката. За 86 отсто граѓани на ЕУ зголемената цена на енергенсите има последици врз нивната куповна моќ.
Граѓаните на ЕУ во огромно мнозинство поддржуваат хуманитарни мерки и прием на бегалци од Украина како и финансиска помош за нив, а 66 отсто сметаат дека Украина треба да стане земја-членка на ЕУ кога ќе биде подготвена за тоа.