Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска пристигна во посета на земјава. Ќе земе учеството на лидерската средба ЕУ – Западен Балкан на која ќе се разговара за Планот за раст. Во Владата ја пречека премиерот Христијан Мицкоски, со кого е предвидено да одржат тет – а – тет средба по што ќе следи и билатерална средба со останатите делегации.

На Меѓународниот аеродром во Скопје таа беше пречекана од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски, кој и посака срдечно добредојде.

-Попладнево, во пресрет на утрешниот Самит на лидерите од Западен Балкан, имав чест да ја пречекам на скопскиот аеродром еврокомесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос. Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. Пред нас е исполнета агенда – денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствариме средба со еврокомесарката. Утре, на состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија, објави на неговиот официјален фејсбук профил Муцунски.

На лидерската чиј формален дел ќе започне утре најавено е присуство на лидерите од Западен Балкан, како и на министри, високи претставници од Европската унија, регионални организации и меѓународни институции.

Во рамки на лидерската средба утре ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.

Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.

Посетата на еврокомесарката за проширување на земјава минатата недела ја најави Европската комисија која соопшти дека Кос доаѓа во Скопје на средба со лидерите од Западен Балкан за Планот за раст и дека покрај премиерот Мицкоски, на средбата ќе присуствуваат и лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора.

Поради одржувањето на лидерската средба, овие два дена во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.