Европските земји бараат од претседателот Трамп распоредување на борбени авиони во Романија како дел од безбедносните гаранции за Украина.

Европските земји бараат од американскиот претседател Доналд Трамп да распореди борбени авиони во Романија како дел од безбедносните гаранции што САД треба да ги обезбедат за завршување на војната во Украина, објави британскиот весник „Тајмс“.

Весникот наведува дека високи европски воени лидери разговараат за можноста американските борбени авиони Ф-35 да бидат стационирани во Романија. НАТО таму ја гради својата најголема воздухопловна база во Европа.

Според „Тајмс“, воените лидери се собрале во Вашингтон за да разговараат за логистиката на американската поддршка. Средбата се одржа по состанокот во понеделник меѓу американскиот претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери.

Претседателот Трамп ја исклучи можноста за распоредување на американски копнени трупи во Украина. Тој сепак изјави дека е подготвен да обезбеди „воздушна“ поддршка како дел од безбедносните гаранции на САД, наведува британскиот весник.

НАТО моментално спроведува мисии за воздушна полиција над Црното Море од базата „Михаил Когалничеану“ во Романија. Оваа база беше центар на американските сили за време на војната во Ирак и се смета за најверојатна локација за американските борбени авиони, пишува „Тајмс“. Од почетокот на војната во Украина, Кралското воздухопловство изведува извидувачки мисии со авиони „Ривет Џоинт“ произведени од „Боинг“. Сепак, овие авиони имаат потреба од одобрение од САД за да летаат.

Покрај барањето за распоредување на американски борбени авиони во Романија, европските земји бараат гаранции за континуирана употреба на американски ГПС и извидувачки сателити во Украина. Тие бараат и снабдување со ракети за воздушна одбрана „Патриот“ и „НАСАМС“ за одвраќање на руските напади. Дополнително, европските партнери бараат дозвола шпионски авиони да изведуваат летови над Црното Море.

Во рамките на т.н. Коалиција на подготвените, Велика Британија понуди да распореди борбени авиони „Тајфун“ во западна Украина. Лондон, исто така, нуди бригада од 3.000 до 5.000 војници за обука на украинската армија. Весникот пренесува дека Франција, Канада и Австралија, исто така, би можеле да испратат војници во западна Украина. Русија, пак, се спротивставува на распоредувањето на било какви западни војници.