Словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева по дводневната мисија во Софија објави остар и директен текст за владеењето на правото
Словенечката европратеничка со македонско потекло Ирена Јовева по дводневната мисија во Софија објави остар и директен текст на Фејсбук, во кој ја критикува состојбата со владеењето на правото во Бугарија.
Нејзиниот пост е предизвикан од одговорот на бугарскиот министер за правда во заминување, кој на нејзино прашање зошто се игнорира јасна судска пресуда за нелегалноста на функцијата на генералниот обвинител одговорил:
„Судските одлуки во Бугарија не се игнорираат… цело време.“
Јовева го коментира тој одговор како сурово сумирање на целата состојба во земјата:
Средби со новинари кои добиваат тужби наместо информации од властите.
Судии чии кариери зависат од лојалност (не кон законот, туку кон политички центри).„Привремени“ позиции што траат со години, мандати што никогаш не завршуваат, одговорност што никогаш не почнува.
Граѓанско општество и антикорупциски организации со документи, снимки и сведоштва – но без никаква епилога.
Систем во кој политички непожелните лица лесно завршуваат во затвор, додека институциите се демонтираат.
„Проблемот во Бугарија не е недостиг на закони, туку недостиг на одговорност“, пишува Јовева.
Таа најавува дека извештајот од мисијата на Renew Europe ќе биде суров, без разубавување, базиран на факти и дека – доколку е потребно – ќе следат мерки од страна на Европскиот парламент и ЕУ институциите.
„Не за да се казни Бугарија, туку затоа што никој не е должен да живее во систем каде што законот важи само ‘од време на време’. Владеењето на правото не функционира ‘од време на време’. Или функционира… или не.“
Постот брзо се шири на социјалните мрежи во Бугарија и регионот, особено поради директниот и безкомпромисен тон, како и поради фактот што Јовева е една од ретките европратеници со македонско потекло што отворено зборува за владеењето на правото во соседните земји.
