Од ВМРО-ДПМНЕ ги оценија како целосно неточни тврдењата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, дека партијата е против европската иднина на Македонија. Од најголемата владејачка партија велат дека остануваат цврсто определени за членство во Европската Унија, но процесот, според нив, мора да се заснова на достоинство, заемно почитување и заштита на националните интереси, а не на прифаќање нови понижувања и условувања.
„Тврдењата на Богданка Кузеска дека ВМРО-ДПМНЕ е против европската иднина на Македонија се целосно неточни. ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто определена за членство во Европската Унија, но врз основа на достоинство, заемно почитување и заштита на националните интереси, а не преку прифаќање на нови понижувања и условувања“, соопштија од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Владата во моментов работи на реформи, економски развој и враќање на довербата во институциите, додека СДСМ, како што тврдат, повторно се обидува да ја злоупотреби европската агенда за теснопартиски цели.
„Европската интеграција не смее да биде алиби за политички манипулации, туку процес заснован на реформи, владеење на правото и заштита на државните интереси“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Христијан Мицкоски порачуваат дека ќе продолжат да работат за европска Македонија со силни институции, развиена економија и подобар животен стандард за сите граѓани.
