Големите европски аеродроми повремено го деактивираат Системот за влез и излез – ЕЕС кога поради големиот број патници редиците стануваат предолги и доцнењата сериозно го нарушуваат сообраќајот.

Во такви ситуации привремено се суспендира земањето биометриски податоци, можност што Европската комисија ја дозволи до 6 септември во случај на вонредни околности. Италија, Франција, Германија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија веќе побараа оваа можност да остане во сила и по тој рок.

Во писмо до европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, деветте земји наведуваат дека остануваат посветени на целосната примена на ЕЕС, но предупредуваат дека системот во одредени ситуации создава сериозни проблеми во патничкиот сообраќај.

Еден од примерите е миланскиот аеродром Линате, каде во април повеќе од 120 патници останале заглавени поради доцнења поврзани со ЕЕС. Од 156 патници за летот кон Манчестер, само 34 успеале навреме да се качат во авионот.

ЕЕС постепено почна да се применува во октомври 2025 година во 29 европски држави, а целосно е оперативен од 10 април годинава. Системот ги регистрира државјаните на трети земји при секое преминување на надворешните граници, доколку престојуваат до 90 дена во период од 180 дена.

Наместо класично печатење на пасошите, ЕЕС користи електронска евиденција и биометриски податоци. Целта е подобра контрола на границите, спречување на илегалната миграција и зајакнување на безбедноста во Шенген-зоната.

Европската комисија очекува, по завршувањето на почетната фаза на прилагодување, системот да овозможи побрзи проверки. Сепак, и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен призна дека сè уште постојат технички проблеми.

Од почетокот на примената на ЕЕС се регистрирани речиси 110 милиони влезови и излези. Според податоците на Брисел, системот помогнал да се откријат околу 45.000 лица со лажни или фалсификувани документи, а на 1.100 лица им бил одбиен влез во Европската Унија поради безбедносен ризик.