Европската филмска академија објави дека наградата за европско достигнување во светската кинематографија ѝ се доделува на палестинската актерка и режисерка Хијам Абас. Признанието претставува валоризација на нејзиниот богат творечки опус и на индивидуалниот придонес кон развојот на седмата уметност на глобално ниво.

Свеченото врачување на наградата ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во Атина, во рамките на 39. издание на доделувањето на Европските филмски награди.

Првата номинација на оваа авторка од Академијата датира од 2005 година, кога беше номинирана за наградата од публиката со остварувањето „Сириската невеста“. Во 2008 година таа се најде во трка за најдобра европска актерка за улогата во „Лимоново дрво“. Меѓу признанијата поврзани со нејзиното семејство се издвојува и документарниот филм „Збогум, Тиберијадо“ од 2024 година, под режисерската палка на нејзината ќерка Лина Сулем.

Абас е родена на 30 ноември 1960 година во Назарет, каде ги направила почетните чекори на сцената на Палестинскиот национален театар „Ел-Хакавати“ во Источен Ерусалим. По театарската турнеја низ европските центри се преселила во Лондон, а од крајот на 1980-тите години трајно се стационирала во Париз.

Во својата плодна кариера оствари улоги во над стотина филмови, меѓу кои се делата „Рајот сега“, „Посетителот“, „Границите на контролата“, „Мирал“, „Ловец на андроиди 2049“, како и проектот „Газа, љубов моја“ на браќата Араб и Тарзан Насер. Во нејзината понова филмографија влегуваат остварувањата „Палестина 36“ на Анмари Џасир и филмот „Искупување“ во режија на Рид Ван Дајк.

Како режисерка, Хијам Абас се потпишува на филмот „Наследство“, кој беше прикажан на фестивалите во Хихон и Сао Паоло, како и во селекцијата „Денови на авторите“ на фестивалот во Венеција во 2012 година.