Македонија и Албанија можат да ги започнат преговорите за членство во ЕУ, но за Скопје тие преговори можат многу скоро да завршат со повторна блокада, пишува германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг.
ФАЦ пишува дека по гласањето во македонскиот парламент за францускиот предлог пристигнале честитки од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и германскиот канцелар Олаф Шолц, но се сомнева дека европскиот пат сега е отворен за земјата.
„Колку далеку ќе стигне Македонија на овој пат е нејасно, затоа што Бугарија поставува предуслови од кои дел се неостварливи. Притоа, во најголем дел се работи за историјата и идентитетот на словенските Македонци.“
ФАЦ ја цитира изјавата на Фон дер Лајен во македонскиот парламент, каде таа даваше гаранции дека „билатералните теми, како интерпретацијата на историјата, не се услов во преговорите“.
„Тоа е нејзината и позицијата на Европската комисија“, пишува весникот, „но прашање е дали така мисли и Бугарија“.
Прва пречка- Уставот
Во тој контекст, првата пречка, според ФАЦ, е промената на Уставот за внесување на Бугарите во него.
„Прашањето на признавањето на бугарско малцинство во Македонија ќе беше споредливо лесно за решавање. Но владата на премиерот Ковачевски во моментов е многу оддалечена од двотретинско мнозинство за да може да организира промена на Уставот. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тоа нема да го поддржи и за такво нешто постојат добри причини. Кој гарантира дека Бугарија, по промената на Уставот, нема да поставува нови барања? Не само националистите во Скопје го поставуваат тоа прашање“.
„За надминување на оваа недоверба во јавноста циркулира предлогот за ‘условена промена на Уставот’. Според него, парламентот во Скопје би можел да ја изгласа промената на Уставот за вметнување на бугарското малцинство, со клаузула дека промената ќе стапи во сила кога Македонија ќе влезе во ЕУ, или барем во заедничкиот пазар“, наведува ФАЦ.
Добра вест… за Албанија
Но, пишува понатаму германскиот весник, сосема е друга приказната кога станува збор за прашањата на историјата и идентитетот.
„Бугарското гледиште – а тоа се претставува како обврзувачки наратив – на кој треба да се придржуваат и јавните медиуми и сите државни органи во Македонија, не може да се спроведе и не одговара на слободата на академската настава.”
„Меѓу Бугарија и Македонија уште пред неколку години беше формирана историска Комисија за ‘решавање’ на историските спорови. Но, Бугарија во тоа подразбира дека Скопје треба да го прифати бугарскиот поглед на ‘заедничката историја’. Од Скопје има предлози да се именуваат и странски историчари во комисијата. Сепак, според извештаите, Бугарија отфрла интернационализација на комисијата.”
„Добри вести“, ФАЦ гледа само во случајот на Албанија која ја опишува како досегашна „колатерална штета“ на македонско-бугарскиот историски спор, и го цитира албанскиот премиер Еди Рама кој рече дека со почетокот на преговорите на неговата земја „завршува апсурдното заложништво“.
„Но за желбата на неговата земја за членство во ЕУ, тоа не мора многу да значи. Црна Гора преговара веќе една деценија, без притоа воопшто да се приближи до некаков датум за членство“, заклучува ФАЦ.