Пет полициски службеници од Полициско одделение Чегране, меѓу кои и командирот на одделението, се осомничени дека ја попречувале правдата во постапка за бесправно градење, откако, според МВР, ја измениле фактичката состојба и изготвиле дополнителен службен материјал со кој го спречиле, го прикриле и го отежнале докажувањето на случајот пред надлежен орган. Тие фалсификувале документи за бесправна градба.

Поради тоа, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција.

ФАЛСИФИКУВАЛЕ ДОКУМЕНТИ ЗА БЕСПРАВНА ГРАДБА

Со пријавата се опфатени Б.И., командир на Полициско одделение Чегране, како и К.Б., Т.Е., В.Т. и Б.Е., сите полициски службеници од Полициско одделение Чегране при СВР Тетово. Тие се пријавени поради основи на сомнение дека сториле кривично дело „попречување на правдата“, предвидено и казниво по член 368 став 8 од Кривичниот законик.

Според пријавата, полициските службеници во повеќе наврати во текот на 2025 година, постапувајќи по поплака за бесправно градење од подносител, измениле и изготвиле дополнителен службен материјал со кој ја промениле фактичката состојба, со што го спречиле, го прикриле и го отежнале докажувањето за утврдување на бесправното градење во постапка која се води пред суд или друг орган надлежен за утврдување на бесправно градење.

Воедно, пријавените извршиле преквалификација на примената поплака за бесправно градење во прекршок за лажно пријавување спрема подносителот на поплаката, на начин што без да ја констатираат фактичката состојба изготвиле записник за констатиран прекршок и барање за поведување на прекршочна постапка против подносителот на поплаката.

Од МВР информираат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, по добиена согласност од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, против пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина.

Во рамки на таа постапка ќе бидат изречени задолжителни мерки за одземање на службеното оружје и муницијата, како и мерки за упатување на задолжителен психолошки и психијатриски преглед.