Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави строги санкции за секој полициски службеник за кого ќе се утврди дека ја злоупотребил службената положба или несовесно работел. Тој потврди дека МВР постапува по информации за сомнежи поврзани со издавање фалсификувани возачки дозволи со повисоки категории.

Тошковски, одговарајќи на прашањето дали имало полициски службеници кои за 1.400 евра издавале фалсификувани, односно возачки дозволи со повисоки категории за управување возила од оние што лицата ги имале во оригиналните дозволи, рече дека во случајот веќе се преземаат истражни дејствија.

„Секој за кој ќе се најде каков било доказ дека злоупотребил каква било позиција или пак несовесно работел во службата, ќе се постапи согласно закон и ќе биде најстрого санкциониран, заради тоа што ја злоупотребил довербата на македонските граѓани, на Министерството за внатрешни работи и го оцрнил образот и пред колегите свои кои чесно и професионално си ја работат работата, и пред македонските граѓани“, изјави Тошковски во гостувањето во „Тема на денот“ на ТВ „Сител“.

Тој појасни дека уште вчера, по прашања од медиумите во МВР, било одговорено дека се постапува по информации добиени во Министерството за конкретни сомнежи за кривично дело. Информациите биле споделени со Јавното обвинителство, по што било издадено наредба за преземање одредени истражни дејствија од страна на Внатрешната контрола во рамки на МВР.

„Во текот на вчерашниот ден имаше така поставено прашање од страна на медиумите во Министерството за внатрешни работи, одговоривме дека се постапува по информации добиени од страна на МВР за конкретни сомнежи за кривично дело, кои информации се споделени со Јавното обвинителство, за коишто дејствија Јавното обвинителство донело наредба за преземање на одредени истражни дејствија од страна на внатрешна контрола во рамки на Министерството“, рече Тошковски.

Министерот нагласи дека во овој момент не сака да открива повеќе детали за предметот, бидејќи станува збор за дејствија што се предмет на оперативна обработка од страна на Внатрешната контрола во МВР. Според него, постојат основани сомненија дека биле сторени одредени незаконитости.

„Кога ќе можеме, секако дека ќе ја информираме јавноста. Ова е битна тема и за Министерството за внатрешни работи и за јавноста, секако, не смееме да дозволиме злоупотреба на службена на службена положба“, истакна министерот.

На прашањето дали оваа група е поврзана со аферите од минатото со издавањето пасоши, Тошковски рече дека не сака да навлегува во детали.

Сепак, тој оцени дека доколку во претходните случаи биле изречени построги казни, можеби немало повторно да се случат слични злоупотреби.

„Не би сакал да влегувам во детали во тој дел, но сигурен сум дека ако имаше построги затворски казни со одредени останати мерки коишто може да бидат изречени во рамки на правосилна пресуда спрема оние за коишто беше докажано дека дека злоупотребувале позиција во рамки на МВР, исто во управните служби, сега немаше така лесно да се дрзнат пак истото да го направат, сега не во делот на патни исправи, во делот на возачки дозволи, меѓутоа тоа е исто, заради тоа што имаме злоупотреба на службена положба… основани сомненија за злоупотреба или индикации за злоупотреба на службена положба или несовесно работење во служба во делот на фалсификување на исправи“, додаде Тошковски.