Норвешката јавност е потресена поради убиството на 34-годишната Тамима Нибрас Јухар, вработена во дом за социјална помош на деца во Осло, која била усмртена со тешки убодни рани и исеченици додека била на должност. За злосторството е осомничен 18-годишник со српско потекло и германско државјанство, идентификуван како Ѓорѓе В., кој живеел во установата каде што се случил нападот.

Жртвата, родена во Етиопија и муслиманка по вера, семејството и пријателите ја опишуваат како грижлива, инклузивна и социјално ангажирана личност, која била центар на својот семеен и пријателски круг и борец против неправдата.

Осомничениот во Норвешка дошол како дете од Србија и растел во Валдрес, каде што посетувал средно училиште. Во тој период бил активен стрелец и во 2022 година освоил трето место во категоријата Д2 на националното првенство во дисциплината „Јактфелт“. На повеќе фотографии позира со ловечко оружје.

Неговите соученици го паметат како „чудно и повлечено“ момче кое не успеало да најде место во одделението и често било жртва на малтретирање. „Од почеток се однесуваше малку необично. Никогаш не беше дел од одделението, а некои од останатите ученици го малтретираа,“ изјави еден училишен другар.

Во средното образование почнал да покажува фасцинација кон нацизмот. „Еднаш рече дека мисли оти силувањето е во ред. Тогаш тоа го сфативме како глупост и не го сфаќавме сериозно, иако веројатно звучеше сериозно, особено кога денес гледаме ретроспективно,“ раскажа негов соученик.

Пријателите велат дека ретко учествувал во општествени настани, најчесто бил дома и бил опседнат со тесни интереси. „Не зборуваше многу за тоа што го интересира. Никогаш не беше меѓу луѓето на забави или слично,“ рече еден негов пријател.

Забележан бил и инцидент кога удрил ученик, но без сериозни последици.

Безбедносната служба на Норвешка долго време го следела. Веќе во февруари 2024 година постоеле дојави за него, но бил оценет како мала закана. И при новата проценка во јануари 2025 година добил ист статус. Во април биле добиени информации за негови десничарски екстремистички ставови, но тие не биле оценети како нов елемент.

Во текот на летото 2025 година имало повеќе извештаи за загриженост, но службите не презеле дополнителни мерки, освен што случајот бил тема на состанок меѓу полицијата и безбедносната служба во Осло.

Истовремено, осомничениот бил под истрага и заради закани кон еден јавен службеник и неколку вработени во службата за заштита на деца.

Бруталното убиство во неделата, кога жртвата била сама на работното место, ја шокираше Норвешка и отвори сериозни прашања за следењето на радикализираните млади и пропустите на институциите.