Полицијата во Штип уапси 38-годишен жител на Охрид осомничен за серија телефонски измами, во кои со лажни приказни за сообраќајни несреќи ги доведувал во заблуда постари лица и од нив одземал големи суми пари.
Според информациите, осомничениот им се јавувал на жртвите претставувајќи се со тврдења дека нивни блиски се тешко повредени во сообраќајна несреќа или дека прегазиле дете и дека итно мора да платат пари за да избегнат затворска казна.
Со ваков начин на измама, во вкупно девет случаи – шест во Штип и три во Виница – тој успеал да прибави противправна имотна корист од околу 60.000 евра, односно приближно 3,6 милиони денари.
По извршениот службен разговор, против него е поднесена кривична пријава по итна постапка, а надлежен судија му одредил мерка притвор.
