Американскиот експерт за заразни болести Ентони Фаучи е позитивен на Ковид-19.
Тој е тестиран со брз антиген тест и продолжува да работи од својот дом додека закрепнува, информираше Националниот институт за здравје.
-Моментално има лесни симптоми, додаваат од Институтот.
Осумдесет и едногодишниот Фаучи, целосно вакциниран и со примени две бустер дози, во скорашно време немал близок контакт со претседателот на САД, Џо Бајден, на кого му е главен советник за здравство.
Фаучи како долгорочен управител на Институтот за алергија и заразни болести го предводеше одговорот на САД на секоја пандемија од 1984 година. Тој особено е ценет поради своето водство за време на раните борби против ХИВ и СИДА.