Националната комисија влегува во оперативна фаза

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска најави почеток на активната фаза за спроведување на Стратегијата за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028 и Акцискиот план 2025–2026.

Со одлуките на Владата од септември 2025 година и именувањето на членовите на Националниот совет и Националната комисија, институционалната структура е целосно воспоставена. Сепак, Фетаи нагласува дека резултатите зависија од координирано и одговорно работење.

„Националниот совет го утврдува политичкиот правец, додека Националната комисија има задача да обезбеди тој правец да се претвори во мерливи резултати во пракса. Првиот годишен извештај евидентира нормативен напредок, но тековната фаза бара зголемен оперативен ангажман, дисциплина во известувањето и итна реакција на системските пречки“, се вели во соопштението.

Контролна листа за враќање на имот во соработка со UNODC

Во рамки на состанокот бил промовиран документ подготвен со United Nations Office on Drugs and Crime (UNODC) насловен „Контролна листа за олеснување на враќањето на имот“.

Документот е наменет како практичен инструмент за стандардизација и зајакнување на процесите за поврат на средства. Од кабинетот оценуваат дека станува збор за конкретен чекор кон јакнење на техничките капацитети и усогласување со меѓународните стандарди.

Фокус на одговорност и мерливи резултати

Националната комисија ќе функционира како активен механизам за имплементација и мониторинг.

Фокусот ќе биде ставен на целосна примена на институционалните надлежности и адресирање на реалните системски пречки. Ќе се инсистира на известување со интегритет, транспарентност и без политички калкулации.

„Повратот и конфискацијата на незаконски стекнатиот имот остануваат приоритет на судскиот систем, органите за спроведување на законот и финансиското разузнавање. Владата е решена криминалот да не остане економски исплатлив и процесите на пронаоѓање, идентификување, конфискација и управување со имотот да бидат ефективни и одржливи. Резултатите ќе се мерат не според бројот на состаноци, туку според конкретниот напредок на терен и зајакнувањето на меѓународниот кредибилитет на државата“, се наведува во соопштението.

Воедно се нагласува дека ќе се бара целосна посветеност, дисциплина во известувањето и транспарентност на податоците. Како што посочуваат, одговорноста е колективна, а отчетноста конкретна.