Фетаи: Таравари работи на враќање на ДУИ, нема основа за отстранување на АА од Владата
Вицепремиерот Арбен Фетаи синоќа гостувајќи во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 остро го критикуваше лидерот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, обвинувајќи го дека стои зад обидот за враќање на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во извршната власт.
„Таравари води погрешен пат“
– Обидот за отстранување на АА од Владата е дел од сценарио за враќање на ДУИ. Таравари веќе разговарал со Мицкоски за ова, а Мицкоски наскоро ќе го обелодени тоа. Тоа е погрешен пат што го следи господинот Таравари, изјави Фетаи.
Според него, Владата предводена од коалицијата ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ ужива силна поддршка и стабилност, и нема причина за нејзино саботирање.
Фетаи: АА осстанува во Владата, од 50 функционери само тројца поднесоа оставка
„Нема двојни избори“
Фетаи ја исклучи можноста за одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните, истакнувајќи дека локалните избори ќе се одржат според редовниот термин.
– Нема да има двојни избори. Оваа дилема завршува вечерва, изјави тој, додавајќи дека очекува победа на коалицијата ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ.
„Одлуката за излегување од Владата не е легитимна“
Фетаи посочи дека состанокот на кој била донесена одлуката за наводно повлекување на АА од Владата не бил формално-правно валиден.
– Тоа не беше состанок на раководството, туку измислен формат што не постои во статутот на партијата. Вакви одлуки може да ги донесе само партиското собрание. Јас одбив да легитимирам таков процес, потенцира Фетаи.
Вицепремиерот подвлече дека мнозинството функционери од АА и натаму се активни во институциите, што според него е доказ дека партијата останува дел од Владата.