СДСМ бара итна декласификација на целата документација од случајот кој власта во јавноста го презентираше како афера за прислушкување. Претседателот на партијата, Венко Филипче, во објава на Фејсбук истакна дека има јасна постапка по која Агенцијата за национална безбедност (АНБ) може да ги обелодени сите информации и документи, со што случајот ќе биде достапен на јавноста за да се утврди „дали и кој ја злоупотребил функцијата во службите за безбедност“.
„Доколку АНБ ова не го направи, јасно е дека ова ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација, исто како што беа случаите за дестабилизации, за следење со дронови, за обиди за поткуп од странски компании и слични измислени приказни на премиерот Мицкоски и директорот без диплома“, пишува Филипче.
Тој ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека си игра со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика, како што, според него, го прави и со сите други сериозни национални прашања.
„Ова е одлика на инфантилни политичари и популистички партии чиј единствен интерес е како да се задржат на власта, како да го оттргнат вниманието од проблемите со кои се соочуваат граѓаните и како да се спасат од судот на граѓаните“, посочи Филипче.
На крајот, тој заклучува: „Добро е што веќе никој не им верува на овие потрошени стратегии од времето на Никола Груевски кои сега се рециклираат во услови кога Владата нема никаков резултат.“