Венко Филипче со критики за владината политика за задолжување
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, остро ја критикуваше Владата за најавениот заем од Обединетото Кралство, оценувајќи го како „антиевропски“ и непрозрачен. Без ниту еден аргумент упати низа критики. Според него, начинот на задолжување за инфраструктурни проекти е спротивен на европските принципи на развој и ги оптоварува идните генерации.
„Владата има обврска да ги објави сите информации. Апсолутно го поддржуваме договорот за стратешка соработка, но начинот на заемот за вакви проекти ја бележи оваа влада како антиевропска“, рече Филипче на денешната прес-конференција во партиското седиште.
Тој истакна дека јавноста и политичките субјекти немаат доволно информации за ваков значаен финансиски ангажман. Како алтернатива посочи на европските фондови и неповратните грантови кои, според него, не се доволно искористени.
Загриженост за економијата и состојбата во коалицијата
Во однос на економската ситуација, Филипче посочи дека реалноста најдобро се чувствува во маркетите, каде граѓаните се соочуваат со високи цени и стагнирачки плати.
„Платите не растат, цените дувеат. Инвестициите со кои владата се фали се всушност проекти изработени за време на нашата влада. Сега е само нивно време на реализација“, изјави тој.
Филипче го коментираше и изборот за нов гувернер на Народната банка, велејќи дека одолговлекувањето на процесот е индикатор за сериозен партиски притисок од ВМРО-ДПМНЕ.
Се распаѓа владината коалиција?
Во однос на политичките случувања, лидерот на СДСМ посочи дека владината коалиција е на работ на распад уште пред да наполни една година. Тој најави дека во тековната недела ќе има средба со Арбен Таравари, кој неодамна се повлече од коалицијата ВЛЕН.
ТАРАВАРИ ГО МЕНУВА ДРЕСОТ: Од „борба против ДУИ“ до „здраво, стари пријатели“
Што се однесува до локалните избори, Филипче беше дециден дека резултатот ќе го одредат граѓаните.
„Не се свесни за револтот и гневот кој луѓето го чувствуваат поради платите, трошоците, настаните од Кочани. Каков ќе биде резултатот можат да кажат само граѓаните – и ќе го кажат“, порача Филипче.
СДСМ, според него, ќе ги објави првите имиња на кандидатите за градоначалници до крајот на месецот, по завршување на процесот на номинации.