Посочи дека битно е младите да се социјализираат, да се вратат назад своите животи и за нив важи правилото дека само со вакцинација може да ги нормализираат целосно животите. Затоа, потенцира министерот, сега ставаме акцент на промоцијата на повикот кон помладите да се вакцинираат.
– Во четврток ќе се отвори и пункт во рамките на кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ каде со кадарот од Универзитетската амбуланта ќе се врши вакцинација и на помладите поради тоа што е многу битно да подеднакво биде висок опфатот со вакцинација во сите категории на граѓани, додаде Филипче.
Студентот на Медицинскиот факултет во Скопје, Ернест Никочевиќ изјави дека му е драго што како млади луѓе кои се образуваат и усовршуваат во областа на медицината имаат можност да го кажеме нашиот став.
– Сите ние тука, тоа е една голема група луѓе која во текот на целата година беше директно вклучена секаде каде требаше почнувајќи од спроведувањето епидемиолошки анкети на потврдени случаи на Ковид-19 уште во есенскиот период, преку волонтирање во ковид – центрите, се до процесот на масовна имунизација каде бевме вклучени над 120 волонтери од Медицинскиот факултет. Оваа порака денеска сакам да ја упатам до сите млади луѓе во државата, моите врсници, да покажеме еден висок степен на свест, на сериозност и одговорност кога станува збор за јавното здравје, да се вакцинираме, да не дозволиме да се преполнат здравствените капацитети, да се заштитиме себеси и луѓето околу нас, рече Никочевиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање министерот Филипче рече дека вакцините на „Фајзер“ се препорачани и безбедни и за децата од 12 до 18 години.
– Сега е апелот насочен пред се на граѓаните над 18 години. Вкупниот број на вакцинирани лица над 40 години е 53 проценти, а над 18 години е околу 44 проценти. Сакаме и овој опфат сериозно да го зголемиме, истакна Филипче.