За ослободување од маските е рано, но може да се очекува организирање свадби и прослави во угостителските објекти само на отворено со протоколи, како и патувања во странство со најавата за издавање ковид пасоши од следната недела.

– Бројот на новодијагностицирани случаи со коронавирусот навистина е мал и тоа се чувствува по притисокот во болниците. Огромен број на ковид-центри се вратени во нормална работа, целата хируршка клиника, добар дел од интерните клиники. Во нормална функција е вратен и Центарот за рехабилитација во Козле и Детската болница во Козле, а веројатно до крајот на оваа недела во нормала ќе се врати целата зграда на интерните клиники, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче пред Арена А1 СЦ „Борис Трајковски“, кој додаде дека капацитетот на исполнетост во болниците во земјава е меѓу 20 и 30 отсто.

Бројот на новозаразени во вчерашното деноноќие е 87 заразени од направени 2953 тестирања. Починале 17 пациенти на возраст од 47 до 82 години, а оздравени биле 197. Вкупната бројка пак на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град и во болниците низ земјава заклучно со вчера е 422 и има околу 470 празни болнички кревети во ковид центрите.

Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 10 до 16 мај 2021,  покажува при зголемен број тестирања од 6,3 отсто и тестирани вкупно 16773 материјали во лабораториите регистрирани се 674 нови позитивни случаи во земјата со намалување од 48,3 посто во однос на минатата недела.

Министерот Филипче се надева дека бројките ќе продолжат да се намалуваат и оти потоа ќе може да се размислува и зборува за олабавување на мерките, кои според заклучок на Комисијата за заразни блолести активните мерки остануваат во сила до 1 јуни. 

– Маските треба да продолжат да се носат и понатаму и сè уште е рано да се тргнат како мерка. Угостителските објекти да продолжат да работат само надвор, а по подолго време треба да се дозволат свадби со протоколи во однос на пополнетост на капацитети во надворешни услови, а не и внатре. Евентуално може да се излезе во пресрет на барање за зголемување на бројот на посетители на една маса, истакна министерот, кој додаде дека ако и понатаму продолжат да се намалуваат бројките на заразени со коронавирусот,  разумно и има логика да се ипмлементира од почетокот на јуни, но, како што рече, не може да тврди дека ќе биде така бидејќи за тоа треба да одлучи Комисијата за заразни болести.

Според Филипче, сите други протоколи во однос на организација на настани се многу соодветни и треба да продолжат и понатаму да се спроведуваат.  

Најави и дека  од идната недела во државава ќе се издаваат ковид сертификати со кои ќе може да се патува во европските држави.

– Ние следната недела ќе го издадеме и т.н. грин пас. Тоа ќе е оној електронски кју-ар код што ќе има податоци за вакцината, за ПЦР-тест и евентуално за антитела, па кој било од трите параметри, за да може патникот да ги има со себе ако се патува во која било европска земја, рече Филипче и наведе дека во пресрет на летната туристичка сезона, амбасадорите на 27-те земји на ЕУ ја одобрија препораката предложена од Европската комисија, а која не е обврзувачка за земјите членки.

Вакцинацијата во земјава се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 376.793 граѓани.

Министерот оцени дека согласно најавените пратки и количини се прават  распоредите за имунизацијата која се одвива добро.

– Досега се вакцинирани под 200.000 граѓани од кои  30.000 се ревакцинирани и се аплицирани близу 220.000 дози. Сега се вакцинираат сите граѓаните кои се пријавени на системот и сајтот вакцинација.мк над 40 години и дополнително над 65 години од пријавените после 1 мај. Вакцините се  дистрибуираат согласно бројот на пријавени граѓани. Тече и вакцинацијата на пациенти на дијализа и со трансплантација, а понатаму и согласно одлуките на Комитетот  за имуизација и националната група ќе се прават распоредите и за следната недела, појасни Филипче.

Според него за  оваа и за наредната недела има сосема доволен број вакцини да се задржи сегашното темпо за вакцинација, а можно е следната недела бројката на дневно ниво да се големи заради тоа што доаѓаат на ред ревакцините.

Најави пристигнување нови 500 илјади вакцини од „Синовак“ на почеток на следниот месец и 100 илјади вакцини на Фајзер преку Ковакс системот, а сè уште нема динамика на пристигнување на вакцините од овој производител преку директниот договор. Посочи и дека има некои најави и за пристигнување повторно преку претставници од Руската амбасада за руската вакцина до крајот на мај, како и на оние по  10 илјади вакцини на Фајзер преку нашиот директен договор и ситемот Солидарност од ЕУ секој понеделник до крајот на мај.

Во државата вкупно се аплицирани 219.977 дози вакцини, а ревакцинирани се 33.831 граѓанин. Со последните бројки 43 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 33 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Од МЗ велат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, односно во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.

Од почетокот на епидемијата во земјава вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица достигна 154 891, а направени се вкупно 763 451 тестирања. Оздравени се 146 499 пациенти, починати 5249, а активни случаи има 3143.