Околу бројот на вакцини во земјава, Филипче наведе дека во овој момент има сосема доволно.

– Околу 300 илјади дози се на располагање, 115 илјади дози на вакцини од „Астра Зенека“, 110 илјади „Фајзер“ и 100 илјади дози од „Синовак“ и ја имаме оваа континуирана количина која што доаѓа од 30-40 илјади секој понеделник или вторник од компанијата „Фајзер“, посочи министерот.

Тој повторно укажа дека не треба да постои сомнеж кај граѓаните и оти сите вакцини се безбедни.

– Не треба да има сомнеж. Сите вакцини се безбедни и тоа е докажано и од нашето искуство. Мали некои несакани ефекти коишто се типични генерално за вакцините – црвенило итн., освен онаа компликација што ја имаше една мала девојка која што е опишана во литературата, меѓутоа и таа помина добро. Значи, вакцините се безбедни, направени се на безбедни платформи, така што вакцинацијата е единствениот процес којшто ќе го спаси светот од оваа пандемија, нагласи Филипче.

Во однос на новиот сој, министерот рече дека ги чекаа научните созананија.

– Кога ќе се појави една варијанта без разлика каде е или станува типична за некој регион или брзо се шири. Има типични соеви на вирусот за поединечни некои региони. Точно е дека има нова варијација на вирусот, меѓутоа тоа е нешто што воопшто не е изненадување. Овој тип на вирус има тенденција да мутира во различни делови. Се уште е рано да се кажат карактеристиките на овој најнов сој на вирусот. Ги чекаме научните сознанија. Она што досега се знае за досегашните соеви на вируси е дека важат истите принципи вакцинацијата и општите превентивни мерки, додаде Филипче.