Пред точно две недели на 15 април, Филипче во изјава за медиумите пред салата „Борис Трајковски“ рече дека е добиена потврдата од кинеската амбасада за пристугнување на кинеските вакцини на 28 парил, за неколку денови потоа да каже дека нема вакцините да дојдат, ќе доцнеле и тука ќе биле после празникот.
Сепак ова не е прв празник кој го чекаа кинеските вакцини. Во февруари чекаа да помине кинеската Нова година.

– Вакцините „Синофарм“ ќе стигнат во земјава по завршување на кинеската Нова година, изјави премиерот Зоран Заев, на 12 февруари за медиумите.

Но, помина кинеската Нова година, вакцините не дојдоа. И не само премиерот, туку за февруари ги најави и министерот Филипче кој на 3 февруари изјави дека со 200.000 кинески вакцини во февруари ќе стартува масовното вакцинирање во земјава. Арно ама февруари заврши, ниту кинески вакцини видовме, ниту масовна вакцинација. Но, видовме како ја утнале работата и склучиле сомнителен договор преку посредничка фирма, спротивно на она што го бара Кина.

Тогаш јавноста виде како се склучил договор со сомнителна фирма од Хонконг, а се планирало вакцините да се платат двојно поскапо. Откако биле одбиени од Кина, тогаш се сетиле дека треба да преговараат преку амбасада.

И потоа дојде март, а вакцините ги најавија за почетокот на април. Но, дојде почетокот на април, па ги најавија за средина на април.

– Имаме најави дека кон средината на овој месец ќе стигна кинеските вакцини и Фајзер, изјави Филипче на прес конференција на 6 април пред вакциналниот пункт во СЦ „Борис Трајковски“.

Не дојдоа ни на средина на април, а како што видовме на средина на април ги најавија за крај на април. Еве дојде крај на април ги најавија за почеток на мај. И постојано така од лага до лага, а вакцини нема, нема ни масовна вакцинација. А тоа пак се плаќа со човечки животи, секој ден бројките на починати се високи и веќе стигнавме до бројка од 4.742, а прогнозите се црни и за следните месеци.

Последните најави се дека денеска ќе бидат испратени од Кина преку Истанбул и Белград, со специјален ланец на камиони ќе стигнат во Скопје следниве денови.

И додека губиме животи, чекаме вакцини во февруари, март, април, мај после кинеска Нова година, после Велигден, само да не ги чекаме и после Илинден.