Филипче: Нема да дозволам никој да ја дели СДСМ од внатре
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека нема да дозволи разединување на партијата одвнатре, нагласувајќи дека ќе се спротивстави на секој обид за поделби, додека конструктивните ставови ќе бидат прифатени.
Нема простор за внатрешни поделби
Филипче истакна дека секој кој јавно ја напаѓа партијата и придонесува за нејзино слабеење ќе наиде на негов отпор. Тој нагласи дека вратите остануваат отворени за сите кои имаат добронамерни и конструктивни идеи.
„Со секој еден којшто излегува во јавност да плука по оваа партија, да ја ситни, да ја дели, јас нема да го дозволам и апсолутно ќе се спротивставам на тоа. Секако конструктивно мислење ќе биде сослушано, ќе биде земено предвид, вратите се отворени за сите, но, не и на злонамерниците“, изјави Филипче на прес-конференција.
Обвинувања за власта и критики за новата платформа
Тој оцени дека СДСМ веќе успева да ја разоткрие актуелната власт, која ја опиша како корумпирана, криминогена и антиевропска, додавајќи дека граѓаните тоа веќе го препознаваат.
Во однос на најавите за формирање нова платформа, Филипче изрази сомнеж дека зад неа стои ВМРО-ДПМНЕ.
„Платформата“ ја поврза со ВМРО-ДПМНЕ
Филипче посочи дека станува збор за иницијатива од лица кои не сакаат да се потпишат, а содржината, според него, упатува на политичка позадина поврзана со ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера излезе некоја изјава дека има некаква Платформа од некои луѓе кои не сакаат ни да се потпишат. Имале, пишува таму гревови, кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија, дека опозицијата била раситнета. Што може да се очекува и што може да се позадината освен да е тоа пишувано во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и дадено на некои луѓе тоа да се презентира како некаква платформа“, рече Филипче.
