Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Венко Филипче вечерва се обрати на централниот митинг во Изборната единица 4 што се одржа во Радовиш.

Пред присутните Филипче истакна дека се исправени пред одлучувачки момент за иднината на државата, но и иднината на СДСМ.

-Предизвикот пред нас е голем. По резултатот во првиот круг, нè чека тешка задача да ги подобриме работите. Тешка, но не и невозможна задача е пред нас која може да ја оствариме ако се обединиме на 8 мај. Секоја партија силата ја црпи од единството. За жал, ни се повторува историјата од 2006 година и повторно се соочуваме со поделба. Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе. Ова не го кажувам за да заплашам никого. Ова го кажувам затоа што во ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска промена. А кога нема суштинска промена не може да се очекува различно владеење, истакна Филипче.

Посочи дека пораката кон нив е дека граѓаните сакаат промени во нивните политики, во нивното однесување кон нив.

-И ова мора да го испочитуваме веднаш по изборите. Само така ќе ја вратиме довербата и ќе ја издигнеме СДСМ онаму каде што и е местото, на врвот на политичката сцена. Дадов многу ветувања и тие ветувања немам намера да ги изневерам. Во овој момент не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. Клучното прашање е што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив? Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат. Ние мора да се исправиме и да се соочиме со предизвиците. Јунаците се препознаваат кога е тешко. Затоа победите имаат многу татковци, а поразот само еден. Ајде сега да се фокусираме на второто полувреме од оваа тешка битка, посочи тој.

Филипче им порача на граѓаните уште еднаш добро да размислат пред гласањето на 8 мај, да се мобилизираат и да постигнат добар резултат.