СДСМ утре ќе излезе со нови обвинувања за сериозни злоупотреби во власта, најави потпретседателот на партијата Венко Филипче, кој тврди дека опозицијата располага со целосна документација за случајот.
Според него, партијата подготвила нов пакет откритија, кои ги опиша како „бомби 2.0“, насочени кон членови на актуелната владејачка структура.
„Имаме детална документација. Утре следува нов скандал“, изјави Филипче, нагласувајќи дека злоупотребите, според СДСМ, се вршеле од лица блиски до премиерот и лидер на ВМРО–ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Филипче ѝ порача на европската главна обвинителка Лаура Ковеши да дојде во Македонија и да ги разгледа случаите поврзани со ИПАРД фондовите, за кои СДСМ тврди дека се неправилно користени.
„Овде се загрозени околу 130 милиони евра европски средства. Наместо одговорност по апсењето на нивниот директор за Финансиска поддршка, гледаме само обиди за префрлање вина“, рече Филипче.
Опозицијата формирала нов антикорупциски тим составен од млади активисти и истражувачи, кој ќе обработува документи, ќе поднесува пријави и ќе подготвува предмети за национални и меѓународни институции.
Најавена е и онлајн платформа преку која граѓаните ќе може да пријавуваат сомнежи за корупција.
Филипче откри и план за воспоставување контакт со италијанските антикорупциски органи.
„Ќе побараме помош од институции кои се бореа со Коза ностра. Ако тие успеаја со најмоќната мафија во Европа, тогаш и ние можеме да се справиме со мафијата на ВМРО–ДПМНЕ“, изјави тој.
