Сега ќе видиме што е тоа на што ќе ни укажат синдикатите, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче пред почетокот на состанокот со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Согласно мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, тие кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници
– Искрено верувам дека претставниците на синдикатите ќе сфатат колку е битно оваа мерка да се усвои посебно после денешните резултати од секвенционирањето на вирусот. Четириесет и осум пациенти се испитаа од дијагностицираните во изминатите две три недели и кај ниту еден не е дијагностициран делта плус сојот на вирусот, кој прави голем број случаи и хоспитализации во сите околни земји. Што значи дека не може да го запреме тој сој на вирусот за влезе во земјата. Соочени сме со огромен ризик во периодот што следи да имаме нов силен бран и тоа сериозно да ги загрози капацитетите во нашите болници, рече Филипче.
И сега гледаме и од примерите во околните земји, посочи министерот, дека се хоспитализираат невакцинирани пациенти, што значи дека сега е вистински период граѓаните да сфатат колку е ова битно, сите чинители да дадат поддршка во овој процес за да за што пократко време се вакцинираат што поголем број граѓани за да избегнеме силно оптоварување на болниците.
Во врска со барањето на синдикатите за бесплатен брз антигенски тест или тие кои го прележале вирусот наместо не постара од 45 дена да приложат потврда за шест месеци, Филипче рече дека јасно е зошто се бара брза вакцинација после прележувањето.
– Не секој има соодветен имунитет после прележувањето. Зошто да се изложуваат граѓаните на трошоците да тестираат количина на антитела. Сите ние сме вакцинирани со различни вакцини и никој од нас не испитува антитела за морбили итн. Треба да се вакцинираат граѓаните, јасен е ставот и на Светската здравствена организација и на релевантните научни институции и организации ширум светот дека вакциналниот имунитет е тој кој долго трае и кој штити, нема контраиндикација за рано вакцинирање после прележана болест. Впрочем ќе видиме за кои работи сакаат да зборат претставниците на синдикатот. Тука сме да излеземе во пресрет на се. На крајот на краиштата целта на мерките е да се вакцинираат и тие кои сметаат дека може да не се вакцинираат, дали ќе биде тестот бесплатен или нема да биде бесплатен се во огромен ризик да се разболат, да добијат тешка форма и да умрат. Тоа не можеме и не смееме да го дозволиме, посочи Филипче.
Здравствените работници, потенцира, треба да се пример, кога сите одиме и бараме здравствена услуга треба тие да се пример како се штити сопственото здравје.
– Ги разгледаме законските аспекти, Уставот, Законот за работни односи, секаде има членови во кои здравјето се става како приоритет. Се што можеме да направиме да го зачуваме сопственото здравје и на луѓето околу нас, додаде Филипче.