На прес-конференција, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одговори на новинарско прашање поврзано со неговиот одмор во Грција и јахтата, при што беше потенцирано: „Се борите за стандардот на граѓаните, а од друга страна се луксузирате.“

„Да расчистиме – сметам дека имам легитимитет и кредибилитет. Цел живот работам за граѓаните, како доктор, како министер и за стандардот. Во владата во која седев носевме мерки за платите, платите на докторите се зголемија за 150%. Сега платите се 150.000 денари. Имам право и ќе продолжам да се борам за стандардот,“ изјави Филипче.

Тој додаде дека пропагандниот систем, присутен со години, креирал бројни невистини за него:

„Ме обвинуваа за куќа во Нерези – не е вистина. Дека имам џип – не е вистина. Дека имам зграда во Дубаи и авиокомпанија – не е вистина. Дека имам јахта – не е вистина. Жал ми е што ВМРО развива таков систем на ПР со свои медиумски инструменти. Тоа не е само политички, туку и општествен феномен. Креираат наратив за да го сведат нивото под елементарното цивилизациско, да ве влечат во калта. Но тоа нема да го дозволам. Сите тие работи се лаги. Целта е дискредитација. Тие луѓе се кукавици. Те обвинуваат дека си криминалец, дека си предавник. Тоа е нивната мантра.“

Филипче истакна дека нападите само го охрабруваат:

„Ова повеќе ме мотивира да се борам за државата. Знам дека ВМРО и сите што го иницираат тоа го прават затоа што немаат резултати и немаат што да кажат. Со ситни пари плаќаат луѓе за тоа, а се фокусирани на големи бизниси, огромни кредити и договори во четири очи. Државата е на слеп колосек, младите се иселуваат, а тие ќе бараат лопови и предавници. Додека ВМРО е на власт, противниците на Македонија мирно спијат. Тоа нема да го дозволиме. Ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат.“

На прашање дали се консултира со поранешниот премиер Зоран Заев, лидерот на СДСМ одговори:

„Не. Зоран Заев повеќе не се занимава со политика. Моите одлуки ги градиме со раководството, со потесното извршно. Тоа се автентични одлуки на новото раководство на СДСМ.“