Венко Филипче: Веќе одамна немаат легитимитет
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „360 степени“ жестоко ја критикуваше актуелната влада, оценувајќи дека таа одамна го изгубила легитимитетот. Според него, власта е целосно отсечена од секојдневната реалност на граѓаните и не успева да се справи со економските и социјалните предизвици.
„Сметам дека Владата одамна нема легитимитет. Тоа стана јасно пред неколку месеци, кога стана очигледно дека не се заинтересирани и лошо ги менаџираат проблемите“, рече Филипче.
Сурова економска слика: девастирана економија и руиниран стандард
Според Филипче, економската состојба во земјата е алармантна. Тој потенцираше дека граѓаните се соочуваат со енормно зголемени трошоци, при што едвај успеваат да ги покријат основните потреби.
„Луѓето не можат крај со крај да врзат. Цените се надвор од контрола, а една полна потрошувачка кошничка стана недостижна за најголемиот дел од населението“, истакна тој.
Власт во „меур“ – отсечена од гневот и гласот на граѓаните
Филипче ја обвини Владата дека живее во „мееур“, изолирана од реалните проблеми. Тој вели дека нема вистинска врска со народот и не ги слуша нивните реакции.
„Очигледно е дека се затворени во некој свој свет. Гневот на граѓаните не ги допира. За разлика од нив, јас сум во постојан контакт со луѓето и ги слушам нивните грижи“, нагласи тој.
СДСМ нуди искрена политика и конкретни решенија
Во своето обраќање, Филипче ја истакна новата насока на СДСМ, која според него се темели на искреност, транспарентност и отвореност. Тој најави аргументирана критика и понуда на реални и изводливи решенија за проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
„Ние веќе тргнавме по патот на сериозна политика. Разговараме со граѓаните, ги слушаме и им нудиме конкретни решенија. Нашиот пристап е искрен, базиран на дијалог и транспарентност“, заклучи лидерот на СДСМ.