Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во интервју за „Слободен печат“ вели дека сите политики на власта одат во насока на тоа дека таа е „договорена со големите бизниси“.

„Платите не растат. Сите политики одат во насока на тоа дека власта е договорена со големите бизниси, големите фабрики, големите трговци. Дека се договорени со газдите на големите маркети и нема контрола на цените. Дека се договорени со големите винарии и дека нема доволни цени за откуп на грозјето. Дека се договорени со газдите на сите големи фабрики и нема раст на платите. Затоа што тоа ним не им одговара“, вели Филипче.

Владата нема желба да излезе во пресрет на потребите на граѓаните, ниту во однос на мерки за намалување на цените, ниту во однос на зголемување на платите, според лидерот на опозициска партија. Тој додаде дека владата има механизами за да ги стави под контрола цените и да го подобри животниот стандард на граѓаните, како што тоа, според Филлипче, го правеше СДСМ во најголемите кризи.

„Во ковид кризата и во енергетската криза цените на струјата и гасот беа неколку кратно зголемени последните години од нашата влада, споредено со сега. Но, инфлацијата беше под контрола и платите континуирано растеа. Имаше раст на платите за време на тие кризи, а сега, во мирнодопски услови, нема раст на платите. Имаше укинување, намалување на ДДВ за струјата, на основните прехранбени продукти. Ние сме покажале како се работи за доброто на државата. А зошто владата не ги употреби тие мерки? Тој е прашање за владата “, рече Филипче.