Министерот за здравство Венко Филипче кој од декември 2017 година е на чело на здравството, а според новиот коалициски партнер СДСМ треба да биде заменет со Беким Сали од Алтернатива, рече дека не го познава лично но и дека сака да се сретне со него да му го пренесе искуството.
Филипче денеска при посетата на Клиниката за ортопедија меѓу другото рече и дека му е жал што за време на неговиот мандат не успеале да го започнат проектот за изградба нов клинички центар и апелираше до опозицијата да го одблокира законот.
-Јас сум убеден дека тоа е единствениот начин да се унапреди здравствениот систем на највисокото ниво на здравствена заштита, а тоа е терцијарната. И покрај сите реновирања што ги прави за да се модернизираат условите во кои работиме, сепак новата модерна медицина, интегрираниот тип на здравствена услуга бараат и поинаква инфраструктура. Има нова апаратура што не може да се внесе во малите операциони сали кои ги имаме сега, тоа бара еден нов концепт. Апелирам опозицијата во периодот што доаѓа да го одблокира законот, тоа е одличен проект, граѓаните заслужуваат нова модерна болница, истакна Филипче.
Пред новинарите нагласи дека е горд на одличната соработка со здравствените работници и за нивниот ентузијазам дека може да се постигне се доколку се работи со љубов кон работата.
-Горд сум на соработка и координација во едни од најтешките периоди во историјата на државата. За жал, не снајде пандемија во целиот свет и кај нас. Покажавме ние здравствените работници со ентузијазам, со голема желба и љубов кон работата да се успее во целокупниот третман на пациентите, да се успее во реорганизацијата на здравствениот систем. Успеавме да обезбедиме болнички кревети, соодветен третман за сите пациенти. Понатаму горд сумна тоа што направивме да сите процеси во Министерството за здравство се одвива инклузивно, никој да не оставиме по страна и сите чинители да учествуваат во креирањето на политиките. Тука се колегите со стручните здруженија, тука се здруженијата на пациенти со различни болести и тука се граѓанските организации, потенцира Филипче.
Горд сум, рече министерот, што со помош на премиерот Заев успеале да инвестираат блузу 30 милиони евра за зголемување на примањата на здравствените работници, како и за обезбедеувањето на оргинални лекови и укинувањето на паралелен увоз на лекови.