– Во овој момент се уште траат испитувања во однос на тоа каков ефект има трета доза на вакцина. Една од последни студии која излезе беше студијата во Израел, која што укажа на тоа дека значајно се зголемува ефикасноста после дадена трета доза од вакцините. Според нашите сознанија компанијата Фајзер е најдалеку отидена во овој дел, изјави Филипче во денешното гостување во дневникот на Сител.
Тој посочи дека со Фајзеровата вакцина значајно се зголемува ефиканоста кон сите соеви на вирусот, и кон алфа, бета и делта сојот на вирусот кога станува збор за аплицирање на трета, односно бустер доза.
– Засега само американската агенција има дадено препорака за трета доза на Фајзер вакцина, но кај имуно компромитирани пациенти. Тоа се пациенти кои се трансплантирани и пациенти кои се на хронична дијализа. Европската се уште ја нема дадено таа препорака, така да уште сме во фаза кога ги очекуваме препораките, како од производителите, така и од големите клинички студии на големи серии на пациенти, додаде министерот Филипче.
Тој посочи дека кај нас веќе има препорака за пациенти кои што се трансплантирани и пациенти кои се на хронична дијализа. Како што рече, следнава недела ќе започне и комуникација со дијализни пациенти за да го проценат бројот на пациенти кои веќе аплицирале и ќе добијат трета доза.
Временскиот интервал кој што треба да помине за да се прими трета доза е шест месеци, а кај нас, посочи, се уште никој нема примено трета доза бидејќи не се поминати шест месеци од ревакцината.
– Тоа што кај некои луѓе се губи количината на детектирани антитела не значи дека немаат имунитет. Впрочем, анализите покажуваат дека бустер дозата ги зголемува антителата во количини, што значи дека веќе од претходните примени дози е створен имунитет и организмот реагира и се брани, а доказ за тоа е бустер дозата односно повторниот контакт со вирусот, рече Филипче.
Тој напомена дека сите истражувања одат во таа насока да многу веројатно после шестиот месец ќе треба да се прими и бустер доза.
Како што рече, сите граѓани кои се вакцинирале во странство кога ќе приложат валиден сертификат дека е тоа направено во друга држава, пример во Србија, ќе бидат регистрирани за трета доза, што значи дека ќе можат да ја примат кај нас и за тоа да добијат наш валиден сертификат.
Филипче рече дека вакцини во овој момент има доволно, а според проценките, ќе има и следната година.