ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини поранешниот министер за здравство Венко Филипче дека не постапувал навремено во случаи кога, како што тврди партијата, институциите доставувале податоци за неисправна вода за пиење во повеќе општини.
Од владејачката партија побараа Филипче да престане, како што наведуваат, да „глуми загриженост за јавното здравје“, тврдејќи дека тој во периодот кога бил министер располагал со информации за неисправна вода, но не ги информирал граѓаните.
„Каде беше Филипче кога до Министерството за здравство, со кое раководеше, пристигнувале извештаи за неисправна вода за пиење во повеќе општини?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нивните наводи, во периодот додека Филипче бил на чело на Министерството за здравство, биле доставувани анализи и наоди кои укажувале на микробиолошки неисправна вода во повеќе населени места, меѓу кои Студеничани, Зелениково, Петровец, Крушево и делови од Скопје.
Од партијата тврдат дека наместо навремено информирање на јавноста и соодветна реакција, тогашниот министер молчел и не презел мерки.
Како пример ги посочуваат анализите од 2021 година, за кои велат дека покажале дека водата не била безбедна во Студеничани, Зелениково и Петровец.
„Документи стигнале до Министерството за здравство, а Венко Филипче не ги известил граѓаните. Тука конкретно освен пронајдокот на бактеријата ешерихија коли, има и пронајдоци на зголемен број на колиформни бактерии исто како во Гостивар. Но, граѓаните тоа не го знаеле и никој не ги известил“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата се повика и на документи од 2018 и 2019 година, за кои тврди дека во периодот кога Филипче бил министер, во скопската општина Аеродром била земена мостра од бушен бунар-чешма која не одговарала на правилникот за безбедност на вода поради зголемен број колиформни бактерии.
„Истото она што се случува во Гостивар. Граѓаните завршувале по болници, не знаеле што им е, но Филипче знаел“, стои во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија прашања зошто, доколку Министерството располагало со вакви информации, јавноста не била информирана и кој одлучил овие наоди да не бидат јавно презентирани.
„Кој ќе ја понесе одговорноста доколку имало институционални пропусти?“, прашуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ повика надлежните институции да ги разгледаат сите околности, да утврдат дали имало пропусти во постапувањето и, доколку се утврди одговорност, таа да биде соодветно санкционирана.
Од партијата порачаа дека граѓаните, како што наведуваат, заслужуваат отчетност од сите, без разлика дали се на власт или во опозиција.
