Министерот за правда Игор Филков, одговарајќи на пратеничко прашање од Јована Тренчевска од СДСМ во Собранието, посочи дека Министерството во изминатите 18 месеци подготвило и доставило значаен број закони кои се дел од Реформската агенда. Според него, таков обем на активности не бил реализиран во претходните години.
Филков се осврна на прашањето за Извештајот на Европската комисија и наводите поврзани со Кривичниот законик, Законот за парнична постапка и АКМИС-системот, појаснувајќи ја динамиката на реформските процеси.
„Ако добро се сеќавам вие бевте министер во Владата каде што беа донесени штетните измени на КЗ, дали таа година немаше извештаи, дали вие реагиравте кога се носеа штетните измени? Законот за парнична постапка ако беше добар ќе го донесевте, мораше да се доработува и повторно е пуштен во владина процедура“, рече Филков.
Тој истакна дека сите законски решенија се подготвени низ јавен и транспарентен процес.
„Тука би ги споменал трите клучни закони, Законот за Судски совет, Законот за јавно обвинителство и Законот за Совет на јавни обвинители. Овие закони добија позитивно мислење од Венецијанската комисија. Законите се работени во јавен и транспарентен процес, не се носени во висококатница на Дубаи ниту на јахта во Халкидики. Повеќе нема да носиме закони во интерес на поединци и фамилии. Во однос на Кривичниот законик, воопшто да не се секирате, тој ќе биде донесен и очекувам поддршка од вас“, ѝ порача министерот.
Во продолжение, Филков се осврна на прашањето за недостиг на кадар во судството и јавното обвинителство, наведувајќи податоци за бројот на пензионирани судии и обвинители во последните пет години.
„Во последните пет години во пензија заминале вкупно 154 судии, активни се 294 од 456 систематизирани места. Во 2020 година се пензионирале 7 судии, во 2021 – 8, 2022 – фантастични 64, 2023 – 43, 2024 – 25, 2025 – 7 судии. Вкупно 53 јавни обвинители се заминати во пензија за пет години. Сега да ве прашам кога зборуватете за судството мислите за ова судство што вие ги пензиониравте во изминатите години кога бевте на власт, намерно или случајно беа овие бројки“, рече министерот.
Говорејќи за АКМИС-системот, Филков информираше дека Министерството за правда во изминатите 18 месеци извршило по две контроли во секој суд во државата, што, како што нагласи, претставува практика каква што не била спроведувана во претходните години.
