Надградениот систем за електронски надзор претставен во Идризово

Министерот за правда Игор Филков присуствуваше на промоцијата на надградениот систем за електронски надзор, кој се реализира во тренинг центарот на Казнено-поправниот дом Идризово. Овој систем претставува чекор напред во модернизацијата на казнениот систем и усогласување со европските стандарди. Воедно се унапредуваат и човековите права.

Како што истакна министерот, електронскиот надзор преку користење на таканаречените електронските алки не е само технолошка новина, туку суштинска реформа што има за цел да ја подобри ресоцијализацијата, да ја намали пренатрупаноста во затворите и да ја зголеми безбедноста во општеството.

  • „Електронските алки не се само технолошки уреди – тие се алатка за реформа. Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика“, рече Филков. Тој додаде дека оваа промена е јасна определба правдата да се спроведува со достоинство и почитување на човековите права.

Нов закон за пробација ќе отвори нови можности

Министерството за правда веќе подготвило предлог на нов Закон за пробација, кој во најскоро време ќе биде објавен на ЕНЕР. Законот предвидува поширока примена на куќниот притвор, условниот отпуст и ресторативната правда. Сето тоа ќе биде подложено на надзор, но со почит кон достоинството на осудените лица.

„Со тоа, ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро, за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка којашто беше фрлена досега на изречените мерки – куќен притвор“, додаде министерот.

Филков заврши со пораката дека реформите ќе продолжат и натаму со цел изградба на правосуден систем кој е правичен, достапен и во вистинска служба на граѓаните.

Извор: МРТ