Министерот Филков информираше дека надзорот спроведен од Министерството за правда покажал загрижувачки податоци за состојбата со човечките ресурси во правосудството. Пополнетоста на судиските места изнесува 67 проценти, односно 432 судии од предвидени 636. Судската служба, пак, е пополнета со само 36 проценти, што, како што беше посочено, директно влијае врз ефикасноста и времетраењето на судските постапки.
Токму овие констатации, нагласи Филков, се основа за преземање конкретни и координирани мерки. Целта е во 2026 година да се зајакнат човечките капацитети на најкритичните точки во системот.
Човечкиот фактор останува најважен
Во своето обраќање, министерот за правда посочи дека, и покрај планираните законски измени, човечкиот фактор е од суштинско значење за функционирањето на правосудството.
„Иако во делот на прописите предвидуваме суштински промени, најважен останува човечкиот фактор. Потребни се стручни кадри на секое ниво во правосудството, за ефикасно функционирање и постапување во служба на правдата. Тука е потребна заедничка заложба на сите“, рече министерот за правда Игор Филков.
Закони, стратегии и поддршка од Европската Унија
Паралелно со овие активности, Министерството за правда во изминатиот период подготви над 20 закони во транспарентен и инклузивен процес. Од нив, 13 закони се веќе во владина процедура, додека Законот за Судскиот совет се наоѓа во Собранието и го помина првото читање.
Во тек е и спроведувањето на Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028 и Реформската агенда 2024–2027, за кои е формиран Совет за следење на реформите. Процесот е поддржан од Европската Унија.
Министерот за правда Игор Филков на крајот изрази благодарност до сите партнери за континуираната поддршка и соработка.
