Министерот за правда Игор Филков истакна дека разрешувањето на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е неопходно, бидејќи Јавното обвинителство се соочува со сериозни проблеми во функционирањето, корупција и нарушени меѓучовечки односи. Според него, реформите се неизбежни, а правосудниот систем мора да добие нов интегритет и професионализам.
Филков: Оставката на Коцевски би била логичен и неопходен чекор
Министерот за правда во интервју за МКД.мк се осврна на предлогот за разрешување на Коцевски, истакнувајќи дека неговото повлекување би било чекор кон зачувување на интегритетот на правосудниот систем, особено ако се нарушила довербата на јавноста или ако има доволно аргументирани причини за неговата одговорност.
-
„Овие резови, реформи и трансформации нема да бидат лесни и секогаш ќе има страна која ќе критикува. Кај широката јавност пак, се чувствува нетрпение, сите сакаат уште побрзи и поефикасни решенија кои ќе го унапредат системот, на кој ќе му веруваме сите ние како граѓани. Но ќе треба трпение, знам дека нема назад, одиме само кон вистинскиот пат, кој најчесто е најтежок и најдолг за жал.“
Филков истакна дека одговорноста на државниот јавен обвинител е клучна за правилното функционирање на правосудниот систем и за довербата на граѓаните во институциите.
Советот на јавни обвинители нема да ја прекине постапката
Министерот нагласи дека мислењето на Советот на јавни обвинители е важно за процесот, но Владата и Министерството за правда нема да се водат исклучиво од него, особено ако значи дека ќе се поддржат лица кои не го исполнуваат својот мандат на професионален начин.
-
„Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена. Министерството за правда и Владата имаат обврска да ги преземат сите законски мерки и да го почитуваат процесот предвиден во Законот за јавното обвинителство, вклучително и можноста за покренување на постапка пред Собранието на Северна Македонија.“
Обвинувања за корупција, незаконски постапки и нефункционално обвинителство
Според Филков, во изминатиот период јавноста била сведок на сериозни скандали во Јавното обвинителство, кои довеле до нарушување на неговата функционалност и кредибилитет.
-
„Во изминатиот период видовме низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, нарушени меѓучовечки односи, незаконски постапувања и корупција, неефикасност во кривичното гонење и повреда на принципите на организација на Јавното обвинителство и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите во Вишото јавно обвинителство.“
Особено сериозен прекршок, според министерот, бил незаконското поставување на в.д. виш јавен обвинител, кое било направено без почитување на законските процедури.
-
„Одлуката за разрешување на Љупчо Коцевски како државен јавен обвинител не е донесена лесно, но е неопходна. Како Влада, но и како министер за правда, имаме обврска да осигураме дека сите институции, вклучувајќи го и обвинителството, ќе работат во согласност со законите, професионално и со највисоките морални стандарди.“
Филков посочи дека поставувањето на в.д. виш обвинител без почитување на законските критериуми е сериозно нарушување на интегритетот на обвинителството.
-
„Тоа не само што ги доведува во прашање правата на вработените, туку и самата ефикасност и независност на институцијата.“
Коцевски обвинет за создавање на нефункционална институција
Министерот за правда нагласи дека постојат конкретни наводи и докази дека управувањето на Коцевски со Јавното обвинителство довело до нарушување на внатрешната атмосфера, што негативно влијаело врз довербата и ефикасноста на институцијата.
-
„Професионалните и етичките стандарди треба да бидат на прво место, и кога тие се загрозени, мора да се интервенира. Доколку некој, а особено високи функционери во правосудството, не успеваат да создадат соработка и здрави меѓучовечки односи во институцијата, тоа директно ја поткопува нејзината ефикасност и интегритет.“
Филков: Потребна е нова атмосфера на професионализам и правда
Филков смета дека јавниот интерес мора да биде на прво место, а кога институцијата не функционира со потребната независност и ефикасност, Владата мора да интервенира.
-
„Затоа, нашата одлука да го разрешиме Коцевски не е само правна, туку и морална – потребно е да се создаде нова атмосфера на професионализам и почит во институцијата, каде што ќе се обезбеди ефикасност, независност и правда за сите граѓани.“
Постапката за разрешување на Коцевски продолжува, а конечната одлука ќе зависи од Владата, Министерството за правда и евентуално Собранието.