Министерот за правда се осврна на актуелните состојби во правосудството
Министерот за правда, Игор Филков, денеска на прес-конференција се осврна на актуелните состојби во правосудството и пристапот на Министерството кон утврдување на фактичката состојба на терен и преземање конкретни мерки.
,,Во изминатиот период, јавноста беше сведок на настани и случаи кои дополнително ја засилија загриженоста околу интегритетот, одговорноста и функционирањето на судството и обвинителството. Таквите појави не смеат да се релативизираат, ниту да се игнорираат.
Кога предмети за висока корупција стојат со години без разрешница и кога очигледни сомнежи не добиваат институционален одговор – тогаш граѓаните со право прашуваат: каде е правдата?
Случајот со апелациониот судија кај кого беа пронајдени 350 илјади евра, скриени и заѕидани во ѕид, не е само скандал. Тоа е симбол на длабока системска слабост – симбол на култура на неказнивост, молк и меѓусебна заштита што предолго ја разјадува довербата во правосудниот систем”, рече Филков.
Загрозена доверба во судството и обвинителството
Министерот потенцира дека овој случај дополнително ја нарушува довербата во целото судство и ја доведува под сомнеж функцијата судија, која треба да биде во служба и интерес на граѓаните, а не привилегија.
,,Истовремено, јавноста сведочи и на сериозни предизвици во функционирањето на обвинителството – недоволна ефикасност, ограничени капацитети и недоволна решителност во справувањето со најтешките форми на криминал.
Истражувањата за перцепција на корупцијата покажуваат дека довербата во судството и обвинителството е сериозно нарушена. Таа доверба не може да се врати преку ноќ, ниту со една одлука.
Јасно е дека проблемот е системски и не се однесува само на поединечни случаи. Свесни сме дека без темелни и добро насочени реформи, ваквите појави ќе продолжат да се повторуваат. Затоа, Министерството за правда пристапи системски, со утврдување на фактичката состојба на терен и со преземање конкретни чекори”, нагласи министерот Филков.
