Најостро реагирам на обидот, полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок, реагира министерот за правда Игор Филков за протестите.
„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Македонија и темел на институционалниот и правниот систем.
Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството“.
Министерството за правда, додава тој, останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.
Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата.
