ФИНКИ ќе ги добие двете недовршени згради кај Ректоратот на УКИМ

Двата недовршени објекта кај Ректоратот на УКИМ, чија изградба е стопирана повеќе од десет години, ќе се доградуваат кога ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.

Од Министерството за образование и наука велат дека во петокот (30 јанаури) завршил рокот за аплицирање на тендерот за нови проекти за градба, кој МОН го објави на крајот од 2025 врз основа на стручната анализа за состојбата во која се сега недоградените објекти и согласно со потребите на нивните идни корисници.

Двата објекта ќе ги користи само ФИНКИ

Некои од тие потреби, како и стандардите за градење во меѓувреме, односно од 2013 кога почна изградбата, се сменети и затоа е одлучено, и наведено во тендерот, двата објекта да ги користи само Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бидејќи само една зграда не ги задоволува потребите ниту на овој факултет ниту на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој беше наменет другиот објект. Од МОН ни соопштија дека и за овој факултет се планира нова зграда на местото каде што тој се наоѓа.

Повикот за понуди за репроектирање на објектите беше објавен откога МОН ја доби анализата направена од стручно тело координирано од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет. Во работната група беа вклучени и други факултети на УКИМ: ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

Во разговор за МИА проф. Марковски рече дека двата објекта, кои се простираат на вкупно 22 753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и ќе немаат барокна фасада. Во нивната внатрешност ќе има прераспоредување на просториите, ќе има промени во инсталациите за греење, компјутерската инсталација итн.

– Двата објекта се подземно поврзани со паркиралиште, а ќе има и топла врска помеѓу нив бидејќи ќе бидат за еден факултет, откако се заклучи дека ќе добиеме две згради, но ниту едната ниту другата нема да ги задоволи потребите ни на двата факултета. Сега треба да се најде проектант, потоа да се најде изведувач и да ги доврши работите. Проектната задача е доста обемна од сите аспекти. Дадени им се одредени насоки на идните проектанти каде треба да се движат и во однос на архитектонскиот облик, но, се разбира, не премногу детаљно затоа што на проектантот треба да му се даде слобода, изјави проф. Марковски.

Анализа открила карбонизација на бетонот и потреба од заштита

При истражувањето на состојбата на недоградените објекти, вели, се изненадиле од силна карбонизација во бетонот што потврдува дека има енормно загадување во тој дел од Скопје. Марковски појаснува дека карбонизација на бетонот на толку зачудувачки високо ниво е утврдена на некои места на објектите како последица на комбинацијата од влага и големо присуство на јаглерод диоксид и дека тој процес може да доведе до корозија на арматурата. Со новиот проект треба да се заштитат загрозените делови, а останатиот дел од конструкацијата, како што рече, е солиден и нема показатели на деградација.

Динамиката со која ќе продолжи изградбата на објектите ќе зависи од расположивите средства во буџетот. Кога МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР) лани во мај го потпишаа меморандумот за формирање на работната група за увид во физичката состојба на објектите, беше соопштено дека според договорите за реализација на проектите од пред десетина години, изградбата на ФИНКИ требало да чини 784 милиони денари, а градењето на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, требало да чини 432 милиони денари.

Извор: СкопјеИнфо