Млада медитеранска фока беше пронајдена на улица во крајбрежниот град Аркица во централна Грција, во близина на пристаништето. Со брза реакција на крајбрежната служба и жителите, по насоки од невладината организација „МОм“, животното безбедно било вратено во морето, јави дописничката на МИА од Атина.
Од организацијата „МОм“ за проучување и заштита на медитеранската фока преку социјалните мрежи објавија фотографија од животното и напишаа дека вчера имале „неочекувано изненадување“.
„– По телефонски повик од припадник на крајбрежната служба, бевме информирани дека една млада фока … шета по пат кај пристаништето на Аркица! Под водство на „МОм“ и со брзите постапки на крајбрежната служба и жителите од областа, малата истражувачка брзо и безбедно се врати во морето“, информираа од „МОм“.
Од таму објаснија дека ваквите случаи се ретки, но „потсетуваат колку се важни навременото информирање и соработката“.
Организацијата посочи дека при вакви „средби“ со медитеранска фока, граѓаните треба да држат растојание, да не се обидуваат да ѝ се приближат или да ја преместат, да не ѝ истураат вода и да не ја хранат, туку веднаш да стапат во контакт со организацијата, бидејќи „правилната реакција може да направи голема разлика“.
