Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги повика Србија и Косово да го прифатат планот на ЕУ за нормализација на односите и додаде дека тоа е клучно за стабилноста на целиот регион.
„Постои план на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Мислам дека тоа е можност за двете страни да го искористат моментот бидејќи нормализацијата е клучна за безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот“,рече фон дер Лајен во разговор со дописниците на група европски новински агенции (ЕНР), пренесе Бета.
Потсетувајќи дека последната средба во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ се одржа на 27 февруари, по што високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти го прифатиле понудениот договор, Хина наведува дека на 18 март во Охрид претстојат дискусии за неговото спроведување и европската страна очекува договор за планот за имплементација или барем значителен напредок.
„Се надевам дека двете страни ќе бидат многу конструктивни во претстојните разговори“, рече фон дер Лајен.
На прашањето дали ќе има последици доколку преговорите во Охрид пропаднат, Фон дер Лајен рече дека „прво треба да се преговара, па дури потоа да се погледне резултатот“.
Таа рече дека рускиот напад врз Украина ја истакна новата стратешка важност на процесот на проширување на ЕУ.
„Војната во Украина ја нагласи новата стратешка важност на проширувањето. Сакаме да ги приближиме нашите партнери од Западен Балкан што е можно побрзо до ЕУ.