Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска го преживеа гласањето за недоверба во Европскиот парламент, поднесено од пратеници претежно од крајната десница. Пратениците ја обвинија Урсула фон дер Лајен за незаконски дејствија.
Како што се очекуваше, предлогот не го доби потребното двотретинско мнозинство за да биде усвоен.
Гласањето заврши со:
– 175 гласови „за“,
– 360 „против“,
– 18 воздржани.
Главен иницијатор на предлогот беше романскиот националист Георге Пипереа, кој остро ја критикуваше Комисијата, особено за, како што рече, непрозирност во донесувањето одлуки.
– Донесувањето одлуки стана непроѕирно и дискреционо, и предизвикува страв од злоупотреба и корупција. Цената на опсесивната бирократија на Европската Унија, како што е (справувањето) со климатските промени, е огромна – изјави Пипереа пред европратениците во понеделникот.
Меѓу неговите главни обвинувања беше и одбивањето на Комисијата да ги објави СМС пораките меѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“ за време на ковид-пандемијата, при набавката на вакцини.
За време на расправата, Фон дер Лајен го бранеше своето управување, особено во однос на пандемијата, нагласувајќи дека обезбедила еднаков пристап до вакцини за сите земји членки, и отфрли дека нејзиното водство било непрозирно.
Иако иницијативата имаше мали шанси за успех, таа претставуваше политички удар за Фон дер Лајен, особено во чувствителен момент кога нејзината Комисија води преговори со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за избегнување нови американски царини врз стоки од ЕУ.
Ова беше првпат по 2014 година претседател на Европската комисија да се соочи со гласање за недоверба. Тогаш и Жан-Клод Јункер успеа да го преживее притисокот.